2013-04-03 17:44:15

Литургиски славења на Светиот Отец во април и мај


Папската канцеларија за богослужби ја објави програмата на папата Фрањо за богослужбите во месец април и мај. На 7 април, во 17,30 часот, Папата ќе служи света Литургија во базиликата Свети Иван Латерански, при што официјално ќе ја преземе базиликата, која според Апостолската конституција „Universi Dominici Gregis“, е катедрална црква на Римскиот епископ. На 14 април, на третата пасхална недела, Папата ќе служи света Литургија во базиликата Свети Павле надвор од градските ѕидини. На 21 април, четврта пасхална недела, од 9,30 часот ќе служи Света Литургија во Ватиканската базилика, при што ќе ракоположи нови свештеници. На 28 април, петта пасхална недела, папата Фрањо во 10,00 часот на плоштадот Свети Петар ќе служи света Литургија, при што ќе ја подели светата Тајна Миропомазание.

Во сабота, 4 мај Светиот Отец во базиликата Санта Марија Маџоре ќе ја предводи Светата Бројаница од 18,00 часот. На 5 мај, шеста пасхална неделата, од 10,00 часот на плоштадот Свети Петар, ќе служи света Литургија. На 12 мај, седма пасхална неделата, на плоштадот Свети Петар од 9,30 часот ќе служи света Литургија, при што ќе ги канонизира блажените Антонио Прималдо и неговите другари, Лаура и Марија Гвадалупе Гарсија Завала. На 18 мај од 18.00 часот на плоштадот Свети Петар, ќе го предводи молитвеното бдение со црковните движења. На крајот, во неделата на 19 мај на плоштадот Свети Петар од 10,00 часот ќе служи света Литургија на Педесетница заедно со црковните движења. /в.н./







All the contents on this site are copyrighted ©.