2013-04-02 17:44:03

Папата Фрањо: Солзите ни помагаат да го видиме Воскреснатиот Христос


Понекогаш солзите во животот ни помагаат да го видиме Исус: ова го рече папата Фрањо во својата проповед, за време на светата Литургија, која ја служеше во вторник наутро во капелата на домот Света Марта, каде што привремено престојува. Ова утро светата Литургија Светиот Отец ја славеше заедно со припадниците на ватиканската полиција.

Повикувајќи се на Евангелието од Иван во кое Марија Магдалена плаче на Исусовиот гроб, бидејќи „не знае каде Го преместиле Телото на Господ!“ (Иван 20. 11-18), Папата истакна:

Марија Магдалена е онаа „грешна жена", која ги помаза со миро нозете Исусови и ги избриша со косите" која била „искористувана и презирана од луѓето кои се сметале за праведни", рече Папата. Но таа е жената за која Исус рече дека и се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу.“

Сепак, објасни Папата „нејзината надеж се сруши“. Исус, „нејзината љубов, веќе го нема. И плаче. Ова е најтешкиот момент за нејзината душа: срушената надеж. Сепак Папата посочи, таа не вели „бев на погрешен пат“, туку едноставно плаче. Понекогаш, во нашиот живот се потребни очила, за да го видиме Исус и тоа се солзите". Потоа, Магдалена ја навестува оваа вест: „Го видов Господ".

Таа го видела Исус во својот живот и сега сведочи за тоа. „Во животот сите сме имале моменти на радост, тага и болка, но дали плачеме во најмрачните моменти? Дали сме имале изобилството на солзи, кои ги подготвуваат очите, за да го видат Господ?

Како што плачеше Магдалена, така и ние „можеме да побараме од Господ милост на солзите. Прекрасна е милоста да плачеме сѐ: за доброто, за нашите гревови, за милостите, за радостите ... ".

„Солзите ни помагаат да го видиме Исус. Господ ни дава милост со нашиот живот да кажеме: „го видов Господа", но не затоа што ми се јави, туку бидејќи Го видов со срцето". Такво треба да биде сведоштво со нашиот живот: Живеам на овој начин, бидејќи го видов Господ".








All the contents on this site are copyrighted ©.