2013-03-29 16:18:13

Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов упати честитка по повод празникот Воскресение Христово


По повод празник Воскресение Христово - Велигден, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов упати честитка до верниците од католичка вероисповед и сите луѓе со добра волја, која ја пренесуваме во целост:

*********
Браќа и сестри, Велигден е. Празник кој е врв на сите празнувања во црковната година. Таинството на човековото спасение е централно таинство на човековата историја. Сите се среќаваме со границата на човековата егзистенција која се појавува за нас по непознат пат и која исчезнува не по наша желба. Така човекот останува загатка за себе и другите. Исто така, прашањето, не само за животот, туку и проблемот на злото во светот и тешкотиите кои судбински не пратат, остануваат без одговор со кој би се исполнил човекот. Затоа човекот во наше време бега во две крајности: едната е религиски фундаментализам, каде се избегнува „да се прави за верата и според верата“, туку се препушта на Бога и Божественоста. Другата крајност е: да се живее како Бог да го нема. Едниот и другион став води во атеизам. Сепак, човек без Бога нема смисла и не може да живее како да го нема. За Велигден христијанската заедница го набљудува централниот космички настан за човекот а тоа е неговата побожанственост. Тоа значи дека човекот е средиште на создавањето и христијанското навестување и дека е возљубено Божјо создание. Не бегаме од другите сознанија дека човекот е грешно создание. Изворот на сите зла не е во природата туку се раѓа во човековото срце. Тоа што Велигден го славиме е факт дека тој грешен човек, како најубаво Божјо создание од гревот ослободен и спасен е повикан на нов живот. Новиот живот е промена на срцата а не само на ставовите. Велигден го води погледот на човекот кон воплотениот Син Божји, кој стана човек, кого човечката злоба го доведе до трагичната смрт на крстот, но воскреснат е во тело кое не е потчинето на нашите физички закони и со тоа е поставен темел за секој верник и човек со добра волја дека димензијата на животот е отворена кон бесконечното блаженство. Така, Воскреснатиот Исус Христос, е средиште на историјата, извор на надежта и дека човекот е повикан на најголемо достоинство. На сите оние кои размислуваат за тајната на животот и смртта сакам да им порачам дека смртта е победена а со тоа и злото по Исус Христос Воскреснатиот господар на историјата.

Нека во тие мисли ви биде среќен и благословен празникот на Христовото Воскресение. Христос Воскресе!








All the contents on this site are copyrighted ©.