Калдејскиот патријарх Луиз Рафаел I Сако го повика папата Фрањо да го посети Ирак.
Токму како што свети Фрањо од Асизи пред 800 години се сретна во Египет со султанот,
„се надеваме дека и сега папата Фрањо ќе може да дојде во Ирак, за да ги зацврсти
во верата христијаните и да го охрабри и влее надеж на тоа мало стадо во татковината
на Авраам“ – се вели во интервјуто на патријархот Сако, дадено на 22 март за римската
агенција Азија њуз. Калдејскиот патријарх го повика Папата во Ирак и Светиот Отец
изрази желба да ја посети Месопотамија, земјата од која Авраам појде на својот пат
на вера. Патријархот додаде дека бил воодушевен од „едноставноста и спонтаноста“
на папата Фрањо. Папата бил длабоко погоден од информацијата на патријархот дека во
текот на последните десет години во Ирак се убиени околу илјада христијани, а околу
60 цркви се нападнати. „Папата со солзи во очите рече дека сочувствува со болките
на христијаните во Ирак... Го замолив да се сретне и со муслиманите, како свети Фрањо.“
Кога поглаварот на Католичката Црква ќе му говори на исламскиот свет, „нас христијаните
повеќе ќе не почитуваат“ - наведува патријархот Сако.