2013-03-23 09:35:39

Маронитскиот патријарх во Либан: Не можеме да ги прифатиме сите бегалци од Сирија


„Либан не може да го поднесе товарот на многубројните сириски бегалци. Нашите срца и врати се отворени, но големиот број бегалци ги поминува нашите социјални, економски и политички можности“. Тоа го кажа маронитскиот патријарх кардиналот Бешара Рај пред фондацијата со папско право „Помош за Црквата во невоља“. Според официјалните податоци бројот на сириските бегалци во Либан е околу 200 илјади, но веројатно е помеѓу 500 илјади и 1 милион, бидејќи поголемиот дел од нив не се регистрираат во канцелариите на ООН поради стравот дека нивните податоци и фотографии ќе бидат распространети. „Ние сме 4 милиони жители и големиот бегалци неминовно доведува до сериозни последици - вели кардиналот Рај. Преминувајќи ја нашата границата Сиријците го пренесуваат конфликтот кај нас. Ние ги поддржуваме, но истовремено треба да ја зачуваме и нашата култура“. Маронитскиот патријарх забележува дека во Либан наоѓаат прибежиште и 500 илјади Палестинци вооружени со лесно и тешко оружје, кои се замешани во конфликтот. Тој потсетува дека пред 1975 година бројот на палестинските бегалци во Либан бил над 300 илјади, меѓу кои се и членови на Палестинската ослободителна организација. „Ние ги примивме, а тие го разгореа конфликтот - вели кардиналот Рај. Ја прифаќаме нивната кауза, но не можеме да дозволиме да го насочат оружјето против нас. Истото важи и за сириските бегалци. Треба да учиме од историјата“. Маронитскиот патријарх повика меѓународната заедница да помогне во мировните преговори меѓу сириската опозиција и владините сили. „Ако Западот сака навистина да им помогне на нашите браќа Сиријци, треба да стави крај на конфликтот“, завршува патријарх Рај.







All the contents on this site are copyrighted ©.