2013-03-23 17:03:54

Историска средба помеѓу папата Фрањо и Бенедикт


Тоа беше средба со „длабока хармонија“ – вака ја опиша гласноговорникот на Светата Столица патер Ломбарди средбата на двајцата папи, папата Фрањо и почесниот папа Бенедикт, кои се сретнаа оваа сабота во летната резиденција во Кастел Гандолфо.

Папата Фрањо пристигна во летната резиденција Кастел Гандолфо со хеликоптер. Тој беше пречекан на хелидромот од страна на папата Бенедикт кој беше облечен во едноставна бела реверенда. За моментот на средбата патер Ломбарди изјави:

Светиот Отец се појави во придружба на архиепископот Бекиу, монс. Сапиенца и монс. Алфред Ксуереб. Додека папата Фрњо излегуваше се приближи почесниот папа до хеликоптерот и следуваше топла и срдечна прегратка помеѓу двајцата. По поздравот и со останатите влегоа во автомобилот. Папата Фрањо седна од десната страна, вообичаеното место за Папата, додека почесниот папа Бенедикт седна од левата страна. Исто така и архиепископот Георг Генсвајн, префект на Папската куќа влезе во автомобилот.

По пристигнувањето во резиденцијата папата Фрањо и почесниот папа Бенедикт се упатија на заедничка молитва во капелата на Апостолската палата во Кастел Гандолфо:

Во капелата почесниот папа Бенедикт на папата Фрањо му го понуди почесното место во капелата, но тој одговори: „Ние сме браќа, и затоа и двајцата ќе клекнема на истата клупа.“ По кратката молитва околу 12.30 започна нивната приватна средба во библиотеката, каде обично се примаат високите гости.

Папата Фрањо му поклони на почесниот папа Бенедикт една Богородична икона, имено „Богородица на милосрдието“. Оваа икона му ја поклони на неговиот претходник во чест на неговите многубројни примери за понизност кои ги даде за време на неговиот понтификат.

Нивниот разговор траеше околу 45 минути, а го водеа на италијански јазик и беше потполно приватен и само тие двајцата беа присутни во библиотеката, додека пак на ручокот им се придружија и двајцата секретари, монс. Георг Генсвајн и монс. Ксуереб.

Ломбарди повтори дека се работи за прва средба помеѓу Бергољо како папа и Бендикт XVI, иако тие двајцата се имаат сретнувано и порано. Папата Фрањо во изминатите денови говореше често за неговиот претходник, потсети Ломбарди.

Папата Фрањо на повеќе пати се потсети на почесниот папа. На ложата од базиликата Свети Петар за време на неговиот прв јавен настап како папа се спомна на Бенедикт XVI, потоа на двапати му се јави лично преку телефон, вечерта кога беше избран за папа и на празникот свети Јосиф, честитајќи му го именденот. Понатаму Бенедикт на новиот папа Фрањо му изрази безусловна почит и послушност на средбата со кардиналите на 28 февруари.

Многубројни верници се собраа на плоштадот во Кастел Гандолфо со надеж дека ќе се појават и двајцата на балконот од резиденцијата. Сепак, според патер Ломбарди такво нешто не беше планирано.

Пред да се упати кон летната резиденција во Кастел Гандолфо, папата Фрањо оствари средба во Ватикан со Ибраим Исак Сидрак, коптски – католички патријарх од Александрија.








All the contents on this site are copyrighted ©.