2013-03-21 11:03:29

Патријархот Вартоломеј I до Папата: Христијанското единство претставува прва
и најважна грижа


„Единството на христијанските цркви е првата и најважната наша грижа и еден од основните предуслови за да може нашето сведоштво да биде убедливо.“ Ова го изјави во поздравното обраќање Вселенскиот патријарх Вартоломеј I во среда 20 март, на почетокот од аудиенцијата на Папата со делегациите на христијанските цркви и другите религии во салата Климентина во Ватикан. За остварување на христијанското единство, истакна православниот патријарх, потребно е „започнатиот теолошки дијалог да продолжи, за да може вистината на верата, учењето на светителите и целото искуство на Истокот и Западот од првиот христијански милениум да бидат разбрани и прифатени од сите“. Затоа е потребна волја „дијалогот со вера и љубов да продолжи во духот на помирувањето и со оружјето на вистината“, додаде Вартоломеј. Од друга страна, „светската економска криза бара организираност на хуманитарната дејност“, посочувајќи го „големото искуство“ на Папата Фрањо и неговото „долго и многу ценето епископско служење во Аргентина“ меѓу најсиромашните и оние што страдаат. „Тие што имаат повеќе треба да бидат поттикнати да дадат на оние што немаат“, повика Вартоломеј, на тој начин ќе биде гарантиран мирот за кој се жедни луѓето од сите народи. „Имаме должност да ги нахраниме гладните, да ги облечеме голите и да се грижиме за болните и за сиромашните“. Пофалувајќи го „изборот за едноставност“ направен од Папата Фрањо уште од почетокот на својот понтификат, Вартоломеј I, упати желба тоа да најде поширок прием и да стане критериум во други избори. Историјата е одбележана со некои „искривени и изопачени визии“ од страна на „некои христијански групи“, истакна Патријархот, а денес „во многу земји доминираат светските погледи“. „Имаме обврска да се потсетиме едни со други дека Бог слезе од небото и стана човек преку Христос, за да живееме како луѓе чија татковина е небото“, истакна вселенскиот патријарх. „Земјата е местото каде го остваруваме нашето вознесение. Црквата го благословува земниот живот, но со него не завршува нејзината мисија“. На крајот Вартоломеј изрази желба до Римскиот епископ да соработува со сите луѓе кои имаат способност и желба да ги „коригираат светските трендови, за да може човекот повторно да се врати кон својата првобитна убавина, која е во љубовта“.








All the contents on this site are copyrighted ©.