2013-03-21 11:05:52

Бразил го очекува Папата на Светскиот ден на млади во Рио


Пријатна средба во пресрет на претстојниот Светскиот ден на младите во Рио де Жанеиро: во таква атмосфера се одржи аудиенцијата на папата Фрањо со претседателката на Бразил Дилма Русеф. За време на кратката средба претседателката на Бразил ја обнови поканата до Папата да го посети Рио де Жанеиро, каде што кон крајот на јули ќе се одржи XIII Светски ден на младите. При традиционалната размена на дарови Папата ѝ подари на претседателката Дилма Русеф примерок од документот од Апаресида (документ од V Генерална конференција на епископите од Латинска Америка и Карибите), како што направи и при средбата со претседателката на Аргентина Кристина де Кирхнер. Освен со Папата Фрањо, претседателката Русеф имаше разговори и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Тарчизио Бертоне и секретарот за односи со државите монс. Доминик Мамберти.

Според германската програма на Радио Ватикан, скоро е сигурно дека папата ќе учествува на Светскиот ден на млади во Рио, кој ќе се одржи од 23-28 јули 2013 година. На настанот според очекувањата на организаторот се очекуваат помеѓу 2-3 милиони млади. Поради скапите авионски летови на овој настан ќе присуствуваат релативно малку млади од останатите континенти. Но затоа се очекуваат голем број на учесници од Латинска Америка. Интересот за папата на овој континент е големо.








All the contents on this site are copyrighted ©.