2013-03-20 18:28:52

Распоред на богослужбите на папата Фрањо за време на Страсната седмица


Канцеларијата за богослужбени обреди го објави распоредот на литургиските славења, кои папата Фрањо ќе ги предводи во Страсната седмица.

На Цветници, во недела 24 март, Папата ќе ја предводи светата Литургија на плоштадот Свети Петар со почеток во 9.30. Пред почетокот на оваа Света Литургија ќе има благослов на палмови гранчиња и процесија. На Велики Четврток, 28 март, папата Фрањо во 9.30 часот во ватиканската базилика ќе ја предводи службата за осветување на миро, а истиот ден попладне во 17.30 во истата базилика ќе ја служи Литургијата „Господова вечера“. На Велики Петок, 29 март, Светиот Отец во 17.00 часот во базиликата Свети Петар ќе го предводи обредот на Маката Господова, а потоа ќе се упати кон Колосеумот, каде ќе го предводи Крстениот пат, со почеток во 21.15 часот.

Ден потоа, 30 март, на Велика Сабота, Папата во 20.30 во ватиканската базилика ќе го предводи Пасхалното бдение. На Воскресение Христово – Велигден, 31 март, на плоштадот Свети Петар папата Фрањо ќе ја предводи свечената Литургија во 10.15 часот, која ќе заврши со благословот Urbi et orbi (на градот и светот), кој што Папата ќе го подели од централната ложа на базиликата Свети Петар.








All the contents on this site are copyrighted ©.