2013-03-20 18:18:27

Папата продолжува по патот на екуменизам и пријателство со другите религии


Папата Фрањо на 20 март ги прими делегациите на братските Цркви, црковни заедници и меѓународните екуменски тела, претставници на еврејскиот народ и нехристијанските религии, кои дојдоа во Рим по повод прославата за почеток на службата Римски епископ и наследник на свети Петар.

Светиот Отец најпрво го поздрави цариградскиот екуменски патријарх Вартоломеј I со бројната делегација која вчера беше присутна на литургиското славење на плоштадот Свети Петар. Се обрати и на останатите претставници на православните заедници и источни Цркви, како и англиканската и протестатнтските заедници. На свеченоста уште посилно ја почувствував молитвата за единство меѓу Христовите верници, гледајќи на некој начин потполно остварување на тоа заедништво, кое зависи од Божјиот наум и нашата искрена соработка, рече папата Фрањо и ја истакна важноста на Година на верата, која ја прогласи неговиот претходник Бенедикт XVI. Сакам да продолжам со тој потфат со надеж дека ќе нè поттикне сите да одиме во верата. Ја спомна и 50 годишнината од одбележувањето од почетокот на Вториот ватикански собор и важноста на неговата порака до современиот свет, кој сѐ уште е поделен, полн со проблеми, судири и ривалство. Што повеќе веруваме во Божјата волја со своите мисли, зборови и дела, посилно и вистински ќе одиме кон единство, рече папата Фрањо, ветувајќи дека со сите сили ќе работи на тоа.


Говорејќи потоа кон припадниците на нехристијанските религии, Папата ја истакна поврзаност на христијанството со јудаизмот. На муслиманите им се заблагодари за нивната присутност, бидејќи во нив гледа чувствителен знак за раст во взаемна почит и соработка за доброто на човештвото. Католичката Црква е свесна за важноста на промовирање на пријателство и почит на мажите и жените во традициите на различните религии, рече Папата и истакна дека е многу важно што и Црквата е свесна за тоа, како и што сведочи Папскиот совет за меѓуверски дијалог. Католичката Црква исто така е свесна на одговорноста која сите ја носиме кон сите созданија, кои мораме да ги љубиме и чуваме. Папата истакна дека верниците на сите религии можат многу да направат за сиромашните, како и за оние кои страдаат, да промовираат правда, повикувајќи на помирување и градење на мир и да не дозволат да надвладее визијата за човечката личност на една единствена димензија, по која човекот се сведува на произведувач и потрошувач. Тоа според Светиот Отец е една од најголемите опасности на современиот човек. Познато е дека во недалечната историја човекот предизвика големи насилства и се обиде да го отстрани од видикот на човештвото Бог и сè што е Божјо. Поради тоа уште повеќе ја чувствуваме важноста за сведочење во современото општество на исконската отвореност кон трансцедентноста, која што е врежана во човечкото срце. Преку тоа чувствуваме дека сме блиски со сите луѓе, па и со оние кои не припаѓаат на ниту една верска традиција, но сепак ја бараат Божјата вистина, добрина и убавина и така стануваат наши сојузници во одбрана на човечкото достоинство, изградба на мирен соживот меѓу народите и грижливо чување на создаденото, рече папата Фрањо.








All the contents on this site are copyrighted ©.