2013-03-19 10:01:24

Папата нема да носи златен прстен


Директорот на канцеларијата за печат при Светата Столица патер Федерико Ломбарди, во понеделникот на брифинг со новинарите истакна дека папата Фрањо нема да носи златен прстен, туку сребрен кој ќе биде позлатен.

За свечениот обред „устоличување“ на папата Фрањо гласноговорникот на Светата Столица откри поединости.

Папата во 8.45 часот ќе тргне од Домот Света Марта и возејќи се со автомобил ќе ги поздрави верниците на плоштадот Свети Петар, а околу 9.15 часот ќе се упати за да се подготви за Светата Литургија која започнува во 9.30. Од сакристијата Папата во придружба на поглаварите на Источните Католички цркви, патријарси и архиепископи, ќе се упати кон гробот на Свети Петар, каде се чуваат прстенот и палиумот, а гробот се наоѓа под главниот олтар во ватиканската базилика. Во процесијата пеејќи литанија сите ќе излезат од базиликата Свети Петар, а пред почетокот на Светата Литургија кардиналот Жан-Лус Туран на Светиот Отец ќе му го стави на рамењата палиумот, истиот кој го имаше и папата Бенедикт XVI. После предавањето на палиумот и молитвата на кардиналот протопрезвитер, кардиналот Содано, декан на Кардиналскиот колегиум ќе му го предаде на Светиот Отец сребрениот позлатен прстен со ликот на свети Петар и клучевите.

Говорејќи за сослужителите, патер Ломбарди рече, дека ќе сослужуваат сите кардинали кои се наоѓаат во Рим, како и патријарсите и архиепископи на Источните Католички цркви, потоа секретарот на Кардиналскиот колегиум монс. Балдисери и двајца свештеници, односно генералниот поглавар на Дружбата Исусова, Адолф Николас и поглаварот на фрањевачките мали браќа Карбало, кој е и претседател на Унијата на монашки поглавари. После предавањето на палиумот и прстенот, а пред самиот почеток на Светата Литургија шестмина кардинали, претставници на трите кардиналски редови, во име на останатите ќе ветат послушност на Светиот Отец, а потоа ќе започне Светата Литургија – рече патер Ломбарди.







All the contents on this site are copyrighted ©.