2013-03-18 10:22:29

Христијаните во Сирија го поздравија изборот на Папата


Веста за изборот на папата Фрањо, со голема радост е примена и во христијанската заедница во Сирија, земја погодена од граѓанска војна која трае веќе две години. Во ова тешко опкружување во кое живееме посебно овие денови, кога се навршуваат две години од почетокот на судирите, веста за изборот на папата Фрањо претставуваше навистина освежување што го разби ова сивило кое преовладува и покрај убавата пролет. За жал, и ова пролет е многу сиво, многу тажно – изјави Апостолскиот нунциј од Дамаск, архепископот Марио Зенари. Напоменувајќи дека веќе самото име на новиот Папа предизвика радост и надеж, бидејќи тоа веднаш се поврзува со свети Фрањо кој е навестител на мирот, Апостолскиот нунциј истакна дека народот, освен тоа, добро ги познава фрањевците, коишто во Сирија веќе живеат со векови. А изборот на Папа е настан кој не ги интересираше само католиците, христијаните туку и сите луѓе, припадници на различни вероисповеди – рече Апостолскиот нунциј и додаде дека во тие краеви Папата го почитуваат сите, па и муслиманите, бидејќи тој е упориште на духовните вредности и заедничкото братство. Осврнувајќи се пак на драматичната ситуација во Сирија, Апостолскиот нунциј напомена дека, следејќи го изборот на новиот Папа, истовремено ги слушаа ѕвоната на базиликата Свети Петар и пукањето на топовите, и експлозиите, па додаде дека во пораката што веднаш, како папски претставник му ја упати на Светиот Отец, со радосните честитки, мораше да ја спомне и состојбата во која живее народот на Сирија.

Жал ми е – рече архиепископот – бидејќи гледајќи го насмеан, опуштен, свесен сум дека сум еден од папските претставници кој меѓу првите на работната маса му става големи проблеми: страдањата на сирискиот народ. Но, тоа ни дава малку храброст и поткрепа, бидејќи ставајќи го страдањето на сите Сиријци пред неговите очи, знаеме дека нема да остане на работната маса туку ќе му влезе во срцето. А тогаш со неговата молитва и сѐ што ќе може да направи, ќе биде поткрепа за тукашниот народ, христијани и нехристијани, луѓе од секоја вера – истакна Апостолскиот нунциј Зенари.








All the contents on this site are copyrighted ©.