2013-03-18 12:45:51

Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов упати честитка до Папата Фрањо


По повод изборот на папата Фрањо, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов упати честитка до Неговата Светост, која ја пренесуваме во целост:

********
Свети Оче,
Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх за католиците од византиски обред во Македонија заедно со свештенството, монаштвото, богословите и сиот Божји народ во Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат, со длабока благодарност кон Господа Бога и искрена радост ја примивме веста, дека во Конклавата на 13 март 2013 година сте избрани за Врховен Свештеник, Наследник на св. Петар на римскиот Апостолски престол, за поглавар на Католичката Црква и предводител на заедништвото во љубовта. Од сѐ срце Ви честитаме!

Истовремено со нашите честитки ги упатуваме и нашите искрени и скромни молитви до Господ Бог да го испрати Светиот Дух и да Ви ја дарува потребната мудрост и разум во водењето на Христовата црква во оваа не малку лесно време за неа. Преку застапништвото на Пресвета Богородица молиме за Ваше здравје и долговечност, а преку правилното предавање на Словото на вистината на светот да му се навести љубовта Христова. Молиме посебно, во ова време на релативизам и духовна осиромашеност, преку вашата Петровска служба модерниот човек да го види Светлото Христово за да се почитуваат христијанските вредности, човечкото достоинство, правото на живот и да се промовира мирот и социјалната правда меѓу народите.

Црквата во Македонија, како што за време на конклавите, интензивно молеше до Светиот Дух за успешен избор, така и во иднина ќе продолжи да моли за својот поглавар, Светиот Дух да го води за да родот во лозјето Господово биде изобилен.

Свети Оче, ветувајќи Ви должна почит, понизност, послушност и верност, Ве молиме за Ваш Апостолски благослов да сите наши пасторални настојувања бидат плодоносни при евангелизацијата на нашата месна Црква и Црквата во светот.

+ Киро Стојанов
Скопски епископ и
Апостолски егзарх








All the contents on this site are copyrighted ©.