2013-03-16 18:26:03

ПОРАКА НА ПАПАТА БЕНЕДИКТ XVI ЗА ВЕЛИКИОТ ПОСТ


Верата во љубовта раѓа љубов –„И ние ја познавме љубовта која Бог ја има кон нас, и поверувавме во тоа“ (1Иван 4,16)

Драги браќа и сестри
Времето на Великиот пост во контекст на Година на верата, ни дава скапоцена можност за размислување за односот помеѓу верата и љубовта, односно помеѓу верата во Бог Исус Христос и љубовта, која е плод на делувањето на Светиот Дух и која нè води на пат за посветување на Бог и на другите.

1. Верата како одговор на Божјата љубов

Веќе во својата прва енциклика понудив некои елементи кои помагаат да ја сфатат тесната поврзаност помеѓу тие две теологални крепости: верата и љубовта. Поаѓајќи од основното тврдење на апостол Иван - „И ние ја познавме љубовта која Бог ја има кон нас, и поверувавме во тоа“ (1Иван 4,16) потсетив дека „да се биде христијанин не е резултат на некоја етичка одлука или некоја голема идеја, туку тоа е средба со настан, со Личност, која на животот му дава нов поглед и со тоа конечна насока... Бидејќи Бог прв нас нè возљуби (сп. 1 Иван 4,10), љубовта сега не е само 'заповед', туку е одговор на дарот да се биде љубен, со која љубов Бог ни доаѓа во пресрет“ (Deus caritas est [Бог е љубов], 1). Верата претставува лична согласност – која ги вклучува сите наши способности – со бесплатната објава и „страстна“ љубов која Бог ја има кон нас и која во полнина се очитува во Исус Христос. Средбата со Бог на Љубовта не го зафаќа само срцето, туку исто така и умот: „Запознавањето на Божјиот живот е пат кон љубовта, а усогласеноста на нашата волја со неговата го соединува нашиот разум, волја и чувтство во сеопфатен чин на љубов. Но тоа не е завршен процес, љубовта никогаш не е 'завршен' и готов чин“ (исто, 17). Затоа на сите христијани и на посебен начин оние кои се занимаваат со каритативна работа потребна е вера, она „искуство на средба со Бог во Христос кој во нив ќе разбуди љубов и нивното срце ќе го отвори за другиот. Така заповедта на љубов кон ближниот за нив веќе нема да биде заповед која, така да кажеме, им е наметната од надвор, туку ќе биде последица на нивната вера која се остварува во љубовта (исто 31а). Христијанинот е човек кој е освоен од Христовата љубов и поради тоа е носен од таа љубов "caritas Christi urget nos" (2 Коринтјаните 5, 14) – длабоко и вистински отворен за љубов кон ближниот (сп. исто, 33). Тој став се раѓа пред сè од свеста дека сме љубени, дека ни е поклонето простување, и уште повеќе дека Господ ни служи, оној Господ кој се понижува да ги измие нозете на апостолите и самиот себе се принесува на крстот за да го привлече човекот кон љубовта Божја.
Верата ни покажува дека Бог го даде својот Син за нас и ни дава победоносна сигурност дека тоа навистина е така: Бог е љубов!.... Верата која ја гледа Божјата љубов, објавена во прободеното срце Исусово на крстот, раѓа љубов. Љубовта е светло – на крајот единствено светло – кое отсекогаш одново го расветлува светот обвиен во темнина и ни ја дава храброста потребна за живот и делување. (исто,39). Сето тоа ни помага да сфатиме дека гласниот препознатлив став на христијанинот е токму „љубов втемелена и обликувана од верата“ (исто, 7)

2. Љубовта е живот со вера
Целиот христијански живот е одговор на Божјата љубов. Првиот одговор е токму верата, како прифаќање со воодушевување и благодарност за чудесната Божја иницијатива која ни претходи и која нè поттикнува. А таа согласност со верата означува почеток на една светла историја на пријателство со Бог, која исполнува и дава полна смисла на целата наша егзистенција. Меѓутоа Бог не се задоволува со тоа што ја прифаќаме неговата бесплатна љубов. Тој не се ограничува само на тоа да нè љуби, туку сака да нè привлече кон Себе, да нè преобрази толку длабоко за да можеме заедно со свети Павле да кажеме: јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (сп. Галатјаните 2,20).

Кога ќе создадеме простор за Божјата љубов, стануваме слични на него, соучесници на неговата љубов. Да се отвориме на неговата љубов значи да се препуштиме тој да живее во нас и да нè доведе до тоа да љубиме со него, во него и како него; само тогаш нашата вера навистина станува „вера, која што дејствува преку љубовта“ (Галатјаните 5,6) и тој пребива во нас (сп. 1 Иван 4,12). Верата е спознавање на вистината и приклонување кон вистината (сп. 1 Тимотеј 2,4); верата е „одење“ во вистина (сп. Ефесјаните 4,15). Со вера се влегува во пријателство со Господ; со љубов се живее и негува тоа пријателство (сп. Иван 15, 14 и сл). Верата ни помага да ја прифатиме заповедта на Господ и Учителот; верата ни дава блаженство да ја спроведиме во дело (сп. Иван 13,13-17). Со верата сме родени како деца Божји (сп. Иван 1,12 и сл.); љубовта ни помага конкретно да издржиме во Божјото посвојување, донесувајќи плод на Светиот Дух (сп. Галатјаните 5,22). Верата ни помага да ги препознаеме даровите кои добриот и великодушен Бог ни ги доверува; преку љубовта тие донесуваат плод (сп. Матеј 25,14-30).

3. Нераскинлива испреплетеност помеѓу верата и љубовта
Во светло на сето она досега кажано, јасно е дека не можеме никогаш да ги раздвојуваме или пак дури да ги спротивставуваме верата и љубовта.Тоа се две теологални крепости длабоко поврзани и погрешно е да се гледа на нив со контраст или „дијалектика“. Од една страна, имено, неоспорен е ограничениот став на оние кои ставаат така силен нагласок на приоритетот и пресудноста на верата да го потценува и скоро да ги презира конкретните дела на љубов и го сведуваат на некоја општа хуманитарност. Меѓутоа од друга страна, исто така е ограничувачко да се застапува ставот за некоја претерана надмоќ на љубовта и нејзината делотворност и да се смета дека делата ја заменуваат верата. За здрав духовен живот неопходно е да се отргнеме и од фидеизмот и од моралистичкиот активизам.

Христијанскиот живот се состои од постојано искачување на „гората“ за средба со Бог, а потоа слегување меѓу луѓето, носејќи љубов и сила која ни ја дава таа средба, така да на своите браќа и сестри им служиме со истата онаа љубов со која што Бог љуби. Во Светото Писмо гледаме како ревноста на апостолите за навестување на евангелието раѓа вера која е тесно поврзано со каритативната грижа за служење на сиромашните (сп. Дела 6,1-4). Во Црквата контемплацијата и делувањето, кој на некој начин ги симболизира сестрите Марија и Марта од Евангелието, мора истовремено да постојат и меѓусебно да се надополнуваат (сп. Лука 10, 38-42). Приоритетот секогаш се состои во односот со Господ, а вистинското евангелско делење мора да биде вкоренето во верата (сп. Катехеза на општата аудиенција од 25 април 2012). Понекогаш, имено, се настојува да се ограничи изразот „љубов“ на солидарност или едноставно давање на хуманитарна помош. Напротив, важно е да се потсети дека најголемо дело на љубов е токму евангелизацијата, односно „служење на Словото“. Нема поголемо доброчинство, па со тоа ниту чин на мислордие, кое може да се искаже кон ближниот од кршењето на лебот на Словото Божјо, од тоа да се направи соучесник на Радосната вест на евангелието, да се воведе во однос со Бог: евангелизацијата е најголема и најцелосна промоција на лицата. Како што пишува слугата Божји папата Павле VI во енцикликата Populorum progressio (Напредок на народите) навестувањето на Христос е прв и главен чинбеник за развојот (сп. бр.16). Исконската вистина дека Бог нѐ љуби – која што се живее и навестува - нѐ прави отворени за прифаќање на таа љубов во сопствениот живот и овозможува целокупен развој на човештвото и на секој човек (сп. енциклика Caritas in veritate).

Во суштина, сè поаѓа од Љубовта и стремежот кон Љубовта. Божјата бесплатна љубов се согледува со навествуање на евангелието. Ако ја прифатиме со вера, тогаш го примаме оној прв и неизоставлив допир со божественото кој ни овозможува „да се возљуби Љубовта“ за да пребиваме и растеме во таа Љубов и со радост да ја пренесуваме на другите.

Кога станува збор за односот помеѓу верата и делата на љубов, зборовите од Посланието на Светиот апостол Павле до Ефесјаните можеби на најдобар начин го објаснува нивниот сооднос: „зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не од вас - Божји дар е; не е од дела, да не би некој да се пофали. Оти ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме“ (2,8-10). Овде се забележува дека целата иницијатива усмерена за спасение на човекот доаѓа од Бог, од неговата милост, од неговото простување прифатено од вера, но таа иницијатива не само што не ја ограничува нашата слобода и нашата соодговорност, туку напротив ги прави автентични и ги упатува кон дела на љубовта. Ова не е резултат во прв ред на човечкиот труд и напор, нешто со што би можел да фали, туку се раѓа од самата вера, извираат од милоста која Бог ја дава во изобилство. Верата без дела е како стебло без плодови: тие две крепости взаемно се подразбираат. Великиот пост нѐ повикува да ја зајакнуваме својата вера со традиционални упатства за христијански живот, со внимателно и постојано слушање на Словото Божјо и учество во светите Тајни и истовремено да растеме во љубовта, во љубовта кон Бог и кон ближниот, како и со конкретните упатства поврзани со постот, покората и милостињата.

4. Приоритет на верата, примат на љубовта
Како и секој дар Божји, верата и љубовта го потврдуваат делувањето на едниот и ист Свет Дух (сп. 1 Коринтјаните 13), оној Дух кој во нас воскликнува: „Аба! Оче!“ (Галатјаните 4,6) и со кој можеме да кажеме: „Исус е Господ“ (1 Коринтјаните 13,3) и „Марана – та“ (1 Коринтјаните 16,22).

Верата, дарот и одговорот, ни помага да ја спознаеме вистината за Христос како овоплотена и распната љубов, полно и совршено исполнување на волјата на Отецот и бескрајното Божјо милосрдие кон ближниот; верата всадува во срцето и умот цврсто уверување дека токму таа Љубов е единствена стварност која ги победува злото и смртта. Верата нѐ повикува да гледаме во иднината со крепоста на надеж, убедени во исчекувањето дека победата на Христовата љубов ќе ја достигне својата полнина. Љубовта пак, нѐ воведува во Божјата љубов, посведочена во Христос, ни овозможува на посебен и егзестенцијален начин да го прифатиме потполното и безгранично Исусово дарување на Отецот и браќата. Влевајќи во нас љубов, Светиот Дух не прави соучесници на Исусовото дарување: синовско дарување за Бог и братско за секој човек (сп. Римјаните 5,5).

Односот меѓу овие две крепости се слични на односот на двете основни христијански Свети Тајни; Крштение и Причест. Крштението (sacramentum fidei) му претходи на Причеста (sacramentum caritatis), но е упатено на причеста, која претставува полнина на христијанскиот пат. Слично на тоа, верата и претходи на љубовта, но се покажува вистинска само ако е окрунета со неа. Се поаѓа од понизно прифаќање на верата („да се знае дека Бог ме љуби“) но тоа мора да доведе до вистината на љубовта („да се знае да се љуби Бог и ближниот“), која останува засекогаш, како исполнуавње на сите крепости (сп. 1 Коринтјаните 13,13).

Драги браќа и сестри, во Великиот пост во кој се подготвуваме да го славиме Крстот и воскресението во која Божјата љубов го откупи целиот свет и со своето светло ја осветли историјата, на сите ви посакувам во ова скапоцено време да ја оживеете вашата вера во Исус Христос, за да влеземе во истиот негов тек на љубов кон Отецот и кон секој брат и сестра кои ги среќаваме во својот живот. Затоа ја воздигнувам својата молитва кон Бог, и молам за Божји благослов на секој од вас и за сите заедници.

Од Ватикан на 15 октомври 2012
Папа Бенедикт XVI








All the contents on this site are copyrighted ©.