2013-03-15 09:46:41

Да одиме, да градиме, да го исповедуваме Исус Христос Распнатиот


Папата Фрањо ја славеше својата прва света Литургија во својот понтификат на 14 март 2013 година заедно со останатите 114 кардинали кои учествуваа на конклавите. Посебната света Литургија "pro Ecclesia" (за Црквата) Папата ја славеше со почеток во 17.00 часот на латински јазик во Сикстинската капела. На светата Литургија се читаше текст од Евангелието според Матеј (16, 13-19), кое говори за Петровата исповед на верата: „Ти си Христос – Месијата, Син на живиот Бог.“ А Исус му одговара: “Блажен си ти , Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.” Првото читање беше земено од книгата на пророкот Исаија, а второто од Првото послание на светиот апостол Петар за живиот камен кој ја гради Црквата.

Папата проповедаше од амвонот, а не од олтарот, а хомилијата беше на италијански јазик, спонтана и кратка. Овие три литургиски читања имаат нешто заедничко, рече папата. А тоа е движењето. Во првото читање движењето е одење, во второто движењето е градбата, а во третото, Евнагелието, движењето е исповедувањето. Одење, градење, исповедување.
Првото нешто кое Бог му го кажа на Авраам е ова: Оди пред Мене и биди непорочен (Битие 17,1). Значи, нашиот живот е одење. Нашиот живот е одење, и кога запираме тоа не е добро. Мораме постојано да одиме, во Господовата присутност, во Господовото светло, настојувајќи да се живее со онаа непорочност која што Бог ја бара од Авраам при ветувањето.

Да се гради. Да се изградува Црквата, продолжи Папата. Се зборува за камења: камењата имаат тежина, но станува збор за живи камења, помазани со Свет Дух. Да се изградува Црквата, Христовата свршеница, на оној камен аголен, кој што е самиот Господ.

Трето: исповедување. Можеме ние да одиме колку сакаме, можеме да градиме многу, но ако не го исповедуваме Исус Христос, не е добро. Стануваме побожна невладина организација, но не Црква, Христова свршеница. Кога не се оди, се стои. Кога не се гради што се случува со камењата? Се случува истото она што се случува кога децата на плажа градат кули од песок, сè се срушува, нема постојаност. Потоа Папата го цитираше Леон Блој, кој рече: „Кој не се моли на Господ, се моли на ѓаволот“, бидејќи „кога не се исповедува Исус Христос се исповедува световноста на злодухот“ објасни Папата.

Да се оди, да се гради, да се исповедува. Но тоа не е лесно, бидејќи во одењето, градењето, исповедувањето понекогаш се случува потрес и застој: тоа се движења кои нѐ влечат наназад, рече Папата, а потоа се осврна на текстот од Евангелието кој се читаше на светата Литургија. Самиот Петар, кој го исповедува Исус Христос вели: „Ти си Христос – Месијата, Син на живиот Бог.“ јас те следам, но да не зборуваме за Крстот. Ќе те следам без ... Крстот. А кога одиме без Крстот, кога градиме без Крстот и кога исповедуваме некој Христос без Крстот, потенцира Папата, не сме Господови ученици: световни сме. Епископи сме, свештеници, кардинали, папи, но не сме Господови ученици.

Желба ми е после овие денови на милост сите да имаме храброст, токму таква храброст за да чекориме во Господовата присутност, со Господовиот Крст; да имаме храброст да градиме на Црква врз крвта која Господ ја пролеја на Крстот и да ја исповедаме единствената слава – Распнатиот Христос. И така Црквата ќе чекори напред. Сакам на сите нас, Светиот Дух, молитвата на Богородица, нашата Мајка ја излие милоста: да одиме, да градиме, да го исповедуваме Исус Христос Распнатиот. Така нека биде!


На светата Литургија е упатена посебна молитва до Бог за Бенедикт XVI да може да и служи на Црквата „во сокирен живот посветен на молитва и медитација.“







All the contents on this site are copyrighted ©.