2013-03-13 16:13:25

Прва прес конференција од почетокот на конклавите


Директорот на канцеларијата за печат при Светата Столица о. Федерико Ломбарди го одржа својот прв брифинг со новинарите откако започнаа конклавите, јавува италијанската програма на Радио Ватикан. Говорејќи дека наредните денови или дури наредните часови ќе биде избран наследникот на Бенедикт XVI, а народот кој се собира на плоштадот Свети Петар е во едно сериозно и радосно исчекување, кое секако дека е само вовед, бидејќи кога ќе се избере новиот папа, ќе се претвори во прекрасно искуство. Сето ова покажува колку тоа очекување е интензивно, забележа о. Ломбарди.

Ломбарди потсети дека до сега само во минатиот век при изборот на папата Пиј XII резултатот од гласањето беше позитивен после третиот круг на гласање. Сите останати папи се изгласани со повеќе кругови на гласања.

Во продолжението на брифингот говореше за хемискиот состав на чадот кој се појавува од оџакот на Сикстинската капела. Чадот се прави во еден електричен апарат кој се наоѓа во поновата печка. Имено во Сикстинската капела има две печки. Во старата се запалуваат гласачките ливчиња, додека втората, поновата служи токму за димот, чија што боја зависи од хемискиот состав на материјалот, а догорувањето на материјалот трае околу седум минути.

Патер Ломбарди истакна дека префектот на Папската куќа архиепископот Георг Генсвајн извести дека почесниот папа Бенедикт XVI многу внимателно и со молитва ги следи настаните поврзани со изборот на новиот папа и вчера преку телевизија ја следеше светата Литургија и влезот во конклавите.

Гласноговорникот на Ватикан потоа говореше за атмосферата која владее во конклавите, упатувајќи на сведоштвото кое кардинал Карл Леман го даде за Германската програма на Радио Ватикан, а поврзано за претходните конклави на кои има учествувано. Кардинал Леман посведочи дека на гласањето нема никакво брзање, туку се одвива смирено, сите се собрани и полни со одговорност. Кардиналите еден по еден пристапуваат кон олтарот на Сикстинската капела и го даваат својот глас со кратка заклетва.

Ломбарди покажа и едно ливче кое се користи на гласањето. Се работи за пресвиткано гласачко ливче со правоаголен облик со формат 12х14 сантиметри. На горниот дел од ливчето напишано е "Eligo in summum Pontificem" (за врховен првосвештеник го бирам), а на долниот дел се наоѓа празна линија на која кардиналите го пишуваат името на оној кардинал за кој го даваат својот глас.







All the contents on this site are copyrighted ©.