2012-06-21 17:42:38

Светиот Отец го прими црногорскиот претседател Вујановиќ. Ратифициран договорот помеѓу Светата Столица и Црна Гора


Државниот ватикански секретар, кардиналот Тарчизио Бертоне и претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, ги разменија ратификациите на основниот договор меѓу Светата Столица и Црна Гора, склучен на 24 јуни 2011 година. Церемонијата се одржа утринава во „Салата на договорите“ во апостолска палата. "Многу важен ден во односите меѓу Светата Столица и Црна Гора", изјави кардиналот Бертоне, една година по потпишувањето на основениот договор. Црна Гора е првата земја, со претежно православно население, која потпишала договор со Светата Столица.

„Светата Столица и Црна Гора се убедени, дека остварувањето на верските слободи на секој граѓанин и религиозна заедница положени во законска рамка, е составен дел од предусловите на современата западна култура и е задолжителен услов за заштитата на човековите права на секоја географска ширина на планетата“, истакна кардиналот Бертоне.

„Правилната примена на договорот - додаде ватиканскиот Секретар - ќе биде во интерес на Црна Гора, бидејќи освен за позитивниот имиџ на меѓународен план, тој ќе придонесе и за надминување на наследените проблеми од минатото и за изградба на подобра иднина: на заеднички дијалог и соработка помеѓу верските заедници и цивилните власти, во целосна хармонија меѓу народите и религиите во земјата “.

„Со овој договор Светата Столица не бара привилегии за католичката заедница“, истакна кардиналот Бертоне, туку да служи за општото добро на земјата. Дури е „потребен во новиот општествено-политички контекст во Црна Гора По епохалните промени во последните години“.

Од своја страна претседателот Вујановиќ ги потврди „совршените билатерални односи со Светата Столица“ утврдени во 2006 по прогласување на независноста на Црна Гора. „Со својата географска положба и историја, Црна Гора отсекогаш била мост меѓу Истокот и Западот и место за мирен и плоден дијалог меѓу религии и народи, држави и цивилизации“, истакна црногорскиот претседател. Вујановиќ истакна и „посебно значење“, дека Црна Гора е првата земја во која поголема религија е православието, што го потврдува нејзиниот „екуменски дух и отвореност за плоден дијалог меѓу религиите“.









All the contents on this site are copyrighted ©.