2011-12-15 14:02:12

На генералната аудиенција Папата изјави дека не треба да бараме дарови во молитвата туку лицето на Оној кој дарува


Се моли Бога не за да се задоволи на секој сопственото барање, туку за да се воспостави пријателство, зашто „Дарителот е поскапоцен од дарот“. Тоа го рече папата Бенедкит 16-ти на генералната аудиенција во салата Павле 6-ти, каде што зборуваше за Исусовата молитва и нејзината „моќ за оздравување“ претставена во Евангелијата. На крајот, се заблагодари на финансерите и реализаторите кои помогнаа во возобнувањето на скулптурата „Воскресение“, која доминира во салата Павле 6-ти повеќе од 30 години.

Еден глувонем игнориран од народот и еден пријател штотуку исчезнат. Две ситуации кои не би имале ништо заедничко освен тоа што и на двајцата им „се вкрстува“ патот со Исуса и му овозможуваат јавно да го покаже Својот посебен начин на молење кој начин би требало да биде на секој христијанин. Оздравувањето на глувонемиот, раскажено во Евангелието по Марко, е само еден елоквентен пример. Исус го доведува настрана, го допира на болните места,воздивнува гледајќи во небото:

„Целиот приказ, сепак, покажува дека човечкиот контакт со болниот го доведува Исуса во молитва. На тој начин уште еднаш се гледа Неговиот посебен однос со Бог-Отецот, дека Тој е Единородниот Син (...) Во самиот чин на излекувањето јасно се гледа чинот на молитвата, во моментот кога Исус погледнува кон небото. Силата која го оздрави глувонемиот е предизвикана од сожалувањето кое Исус го има спрема болниот, но во суштина првенствено произлегува од обраќањето кон Бог-Отецот“.

Вториот случај за кој Папата зборуваше беше воскреснувањето на Лазар, односно најпознатиот пример каде што се гледа човечката и божјата природа на Исуса, кој не може да не заплаче за загубата на својот пријател, но без оглед на оваа „длабока болка“ – потврди Светиот Отец – не го губи неговиот „однос со Бога“ и „мисијата што му е од Него доверена“. Исус барајќи да се врати Лазар во живот, неговата „смрт и болест“ се место каде што се манифестира славата Божја:

„Секој од нас е повикан да разбере дека во молитвата упатена кон Господа не треба да очекуваме веднаш да се исполни тоа што ќе побараме, тоа што нам ни е волја, но да се довериме на волјата на нашиот Бог, гледајќи ја перспективата на неговата слава, неговата љубов, кои често се невидливи и мистериозни за нашите очи“.

Тука се состои суштината на молитвата, која Светиот Отец ја објасни користејќи ги зборовите од Катехизисот на Католичката Црква: „Дарот пред да биде доделен, Исус се обраќа кон Оној кој дарува и во неговите дарови се дарува самиот себеси“:

„Ми се чини дека тоа е најважно: дарот пред да биде доделен, треба да се обратиме кон Оној кој дарува; дарителот е поскапоцен од дарот. Затоа исто и за нас освен тоа што Бог ни дава кога го молиме, најголемиот дар кој може да ни го даде е Неговото пријателство, Неговото присуство, Неговата љубов. Тој е скапоценото благо кое треба да го бараме и да го зачуваме засекогаш“.

Со Неговата молитва, повтори Папата, Исус сака да не доведе „до целосна доверба во Бога и неговата волја“, сака да ни покаже дека Бог „носи надеж и способен е да ги промени невозможните ситуации за човекот“. „Нашата молитва – заврши Папата Бенедикт 16-ти...

„... ја отвара вратата за Бога, кој не учи постојано да излегуваме надвор од самите себеси за да можеме да се доближиме до другите, особено во моментите на искушение, носејќи им утеха, надеж и светлина“.








All the contents on this site are copyrighted ©.