2011-07-18 09:19:47

Бенедикт 16-ти на Ангеловиот Поздрав: Сомалија се наоѓа во потполна хуманитарна катастрофа, затоа целиот свет да ја потпомогне


Потребна е една „меѓународна акција“ за спасување на Сомалија од „гладот“ и „сушата“ кои ја уништуваат, убивајќи или принудувајќи многу луѓе да ја напуштат. Ова е апелот на Бенедикт 16-ти по Ангеловиот Господов, рецитиран од Апостолската палата на Кастел Гандолфо. Претходно, Светиот Отец понуди кратко размислување околу значењето на Евангелиските параболи, кои ја истакнуваат добрината Божја и го повикуваат човекот да ја имитира таа добрина.

Парадоксот на дождовите кои уништуваат и на сушата која убива. Присилени, во таа средина, луѓето очаени бегаат, или не знаат каде да одат, или немаат повеќе сила да бегаат. Веста која доаѓа од Сомалија и од источниот дел на африканскиот континент го растажија папата, кој на Ангеловиот Поздрав побара од светот да не биде индиферентен на оваа трагедија:

„Со голема загриженост ги следам вестите од Африка, особено од Сомалија, погодена од голема суша, а во некои области исто така и од обилни дождови, кои предизвикуваат една голема хуманитарна катастрофа. Безброј луѓе бегаат од гладот барајќи храна и помош. Се надевам дека ќе се зголеми меѓународната мобилизација испраќајќи навремено помош на нашите браќа и сестри, меѓу кои има и многу деца. На овој измачен народ да не недостасува нашата солидарност и конкретната поддршка од сите луѓе со добра воља.“

Апел за колективната добрина. Светиот Отец пред рецитирањето на Ангеловиот Господов на посебен начин ја истакна параболата од неделното Евангелие. Исус со своите параболи „не повикува да го препознаеме приматот на Бога Отецот:каде што Тој не е таму, никое добро не може да постои“. „Царството небесно – додаде Папата – значи всушност суверенитетот Божји, а тоа значи дека Неговата воља треба да се земе како водечки принцип на нашето постоење“:

„’Небото’ не треба да се сфати само како висина која е над нас, затоа што овој бескраен простор има облик и во внатрешноста на човекот. Исус го споредува Царството небесно со пченичното поле, за да ни објасни дека во нас е посеано нешто мало и скриено, но кое сепак содржи неверојатна животна сила. И покрај сите пречки, семето ке се развие и плодот ќе созрее. Овој плод ќе биде добар само кога почвата на животот ќе биде обработена според вољата Божја“.

Во параболата, пречката е симболизирана со лошата трева, плевелот, посеани во ноќта од „непријателот“. Ова – рече Папата Бенедикт 16-ти ...

„ ... –значи дека треба да бидеме подготвени да ја заштитиме благодатта што сме ја примиле на Светото Крштение, продолжувајќи да ја негуваме верата во Господа, која го спречува злото да пушти корени“.

На тој начин, човекот може да открие дека добрината Божја може да се имитира:

„Псалмот 85 го потврдува ова: ‘Ти си добар Господи, и простуваш, полн си со милосрдие со оној кој Те повикува’. Доколку сме деца на еден Татко толку голем и добар, да се обидеме да бидеме како Него! Тоа беше намерата на Исуса додека проповедуваше; всушност зборуваше на оние кои го слушаа: ‘Бидете совршени како што е совршен и вашиот Отец небесен’“.

На самиот крај од Ангеловиот поздрав , Бенедикт 16-ти ги поздрави верниците на 6 јазици - особено на полски јазик – по повод празникот на Пресвета Дева Марија од Кармел.








All the contents on this site are copyrighted ©.