2009-11-11 12:01:10

Одбележана 150 годишнината од Кукушката унија


Во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, во неделата се одбележа 150 годишнината од Кукушката унија. Со нејзиното создавање во 1859 година практично беше означено соединувањето на католичките верници од југо-источниот и егејскиот дел на Македонија со Светата столица во Рим. На светата архиерејска литургија и претходеше свечена академија, која присутните ги прошета низ историјата на Кукушката унија.


„Имаше времиња кога целиот свет на тогашниот базен на грчко-римската култура беше македонско царство. Но, имаше и времиња кога оваа земја беше поделена на парчиња од посилните околу неа. Имаше времиња кога диригираше со историјата во овој дел на светот, но имаше и времиња кога сакаа да и го сотрат името“, изјави Киро Стојанов, скопски бискуп и апостолски егзарх.


„Гордејте се со своето верско и национално културно наследство“, порача претставникот на Ватикан, загрепскиот надбискуп, Јосип Бозаниќ. „Овде се чувствуваат длабоки корени, корени на црква, но и корени на културата на македонскиот народ, затоа ми е посебно драго што како претставник на Светата столица можам заедно со вас да го славам овој јубилеј“, рече кардиналот Јосип Бозаниќ.


На јубилејот присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓеорге Иванов и министерот за надворешни работи, Антонио Милошевски заедно со претставниците на дипломатскиот кор, бискупи од соседните земји и верници од регионот.
 







All the contents on this site are copyrighted ©.