2009-02-26 17:17:50

Порака на папата Бенедикт XVI за Великиот пост 2009


Исус откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне (Мт 4,2)

Драги браќа и сестри!


На почетокот на овој Велики Пост, кој што претставува поинтензивна духовна подготовка, литургијата повторно ни предложува три покајнички вежби, кои се многу омилени во библиската и христијанската традиција – молитва, милостина и пост – како би нè подготвиле подобро да го прославиме Воскресението и така да ја искусиме Божјата моќ, која како што ќе слушаме на пасхалното бдение, „ги гони злосторствата, ја пере вината и ја враќа невиноста на паднатите, а радоста на тажните. Ја гони омразата, воспоставува слога и ја покорува власта“ (Пасхална химна). Во својата вообичаена порака за Великиот Пост оваа година би сакал да се задржам во размислување за вредноста и значењето на постот. Всушност, Великиот Пост ни довикува во сеќавање на четириесетдневниот пост на Исус во пустината, пред да го започне своето јавно делување. Во Евангелието читаме: „Тогаш Духот го одведе Исус во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне“ (Мт. 4,1-2). Како и Мојсеј пред да ги прими плочите на Законот (сп. 2Мој. 34,28), како Илија пред средбата со Господ на гората Хорев (3Цар. 19,8), така Исус со пост и молитва се подготвуваше за своето послание, чиј што почеток беше тешка борба со искушувачот.

Можеме да се запрашаме каква вредност и смисла за нас христијаните е да се откажеме од нешто што по себе е добро и корисно за нашето издржување. Светото Писмо и целата христијанска традиција учи дека постот е од голема помош за избегнување на гревови и сè што наведува на грев. Затоа во историјата на спасението повеќе пати се повторува повикот на пост. Веќе на првите страници од Светото Писмо Господ му заповеда на човекот да се воздржи од консумирање на забранетото овошје: „Од секое дрво во градината може да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“. (1Мој 2,16-17) Коментирајќи ја таа Божја заповед, свети Василиј забележува дека „постот е заповедан во рајот“ и  „првата таква заповед му е дадена на Адам“. Поради тоа тој заклучува: „Од ‘тоа да не си јадел‘ е закон на пост и воздржување“ (сп. Sermo de ieiunio: PG 31, 163, 98). Бидејќи сите сме оптоварени со гревот и со неговите последици, постот ни се нуди како средство за повторно воспоставување на пријателство со Господ. Така правел Ездра пред да појде на пат од прогонство за враќање во Ветената земја, повикувајќи го народот да пости „за да се – како што вели – понижиме пред својот Бог“ (1Езд. 8,21). Семоќниот ја слушна неговата молитва и му ја гарантира својата наклонетост и заштита. Истото го направиле и жителите на Ниневија, кои одлучија да го послушаат повикот на Јона за покора, прогласувајќи, како сведоштво за својата искреност, пост, велејќи: „Кој знае, можеби Бог ќе се смили и ќе го отфрли од нас својот разгорен гнев, и така да не загинеме“ (3,9). И тогаш Бог ги виде нивните дела и ги поштеди.

Во Новиот Завет Исус ја објаснува длабоката смисла на постот, посочувајќи го однесувањето на фарисеите, кои строго ги почитувале прописите дадени во Законот, но срцето им било далеко од Бог. За вистинскиот пост, и на друго место го повторува божествениот Учител, е да се врши волјата на Отецот небесен, кој „гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Мт. 6,18). Тој самиот дава пример за тоа одговарајќи му на ѓаволот, по завршувањето на 40 дена поминати во пустината, дека „човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ (Мт. 4,4). Вистинскиот пост значи има за цел да се јаде „вистинската храна“, која е вршењето на волјата Божја (сп. Ив. 4,34). Ако спрема тоа Адам не ја послуша заповедта Божја „да не јаде од дрвото за спознавање на добро и зло“, со пост верникот сака понизно да се подложи на Бог, надевајќи се во неговата добрина и милосрдие.


Гледаме дека праксата на пост била многу раширена во првата христијанска заедница (сп. Дела 13,3; 14,22; 27,21; 2Кор 6,5). И црковните отци говорат за силата на постот, кој може да го совлада гревот, да ги скроти насладите на „стариот Адам“ и да му го отвори на верникот срцето на патот кон Бог. Поради тоа постот е честа пракса, која светците ја препорачувале во сите времиња. Свети Петар Крисолог пишува: Постот е душа на молитвата, а милосрдието живот на постот, затоа оној кој моли нека пости. Оној пак кој пости нека биде милосрден. Оној кој сака молитвата да му биде услишена, нека го услиши оној кој му се обраќа нему со некоја молба. Оној кој сака Бог да му го отвори срцето нека не го затвара своето за оној кој што нешто ќе го замоли“ (Sermo 43; PL 52, 320. 332).


Во нашите денови, праксата на пост како помалку да ја изгубила својата длабока духовна вредност, и во култура која е одбележана со потрага по материјална благосостојба, некако поприма вредност на тераписка мерка за грижа на сопственото тело. Всушност постот му
користи на телесното здравје, но за верниците во прв ред е „терапија“ за лекување на сè она што го попречува човекот да ја прифати волјата Божја. Во апостолската конституција Pænitemini од 1966. слугата Божји Павле VI ја согледува потребата постот да се смести во контекст на повик на секој христијанин, „дека не живее само за себе, туку за оној кој го љуби и се даде самиот себе за него, и.... исто така да се живее за браќата. (сп. Прво поглавје). Великиот пост може да биде пригодна можност повторно да се потсетиме на одредбите содржани во споменатата апостолска конституција, за да се поврати вистинското и трајно значење на таа древна покајничка пракса, која може да ни помогне да ја умртвиме нашата себичност и да го отвориме срцето за љубов кон Бог и ближниот, што е прва и најголема заповед на новиот Закон и содржина на целото Евангелие (сп. Мт. 22,34-40).


Вистинската пракса на постот придонесува кон тоа, личноста, телото и душата, да стекне единство помагајќи му да се отргнува од гревот и да расте во Божјата присутност. Свети Августин, кој добро ги познавал сопствените негативни склоности и ги нарекол „многу замрсени и заплеткани чворови“ (Исповеди, II., 10.18), во својата дискусија Корисност на постот, пишува: „Си доделувам одредена казна, но тоа го правам за да Тој ми прости; самиот себе се казнувам за да Тој ми помогне, да му се допаднам на неговите очи, да се здобијам со уживање на неговата радост“ (Sermo 400, 3,3; PL 40,708). Со одрекување на материјалната храна која го храни телото се олеснува внатрешната расположливост за слушање на Христос и хранење со спасителното Слово. Со пост и молитва му овозможуваме да дојде и ја засити онаа длабока глад која ја чувствуваме во срцето: глад и жед за Бог.


Истовремено постот ни помага да станеме свесни на ситуацијата во која живеат многу наши браќа. Во своето прво послание свети Иван предупредува: „Ако некој има световни блага, па кога ќе го види својот брат во немаштија, та го затвори срцето свое за него – како тогаш ќе може да остане таков во Божјата љубов?“ (3,17). Доброволниот пост ни помага да се угледаме на милосрдниот Самарјанец, кој се наведнува и притрчува во помош на братот кој трпи (сп. Енц. Deus caritas est, 15). Кога слободно одлучиме да се откажеме од нешто како би помогнале на другите, на конкретен начин покажуваме дека ближниот во неволја не ни е туѓинец. Токму затоа за да се одржи жив тој став на прифаќање и внимание кон браќата, ги поттикнувам парохиите и сите други заедници да ја засилат во Великиот пост праксата на личен и заеднички пост, исто така негувајќи го така и слушањето на Словото Божјо, молитвата и милостината. Тоа нешто уште од самиот почеток на христијанските заедници било вообичаено, при што се собирале разни прилози (сп. 2Кор 8-9; Рим 15,25-27) и верниците се повикани да им дадат на сиромашните она, што благодарејќи на постот, го ставиле на страна (сп. Didascalia Ap., V, 20,18). Денес треба таа пракса повторно да се открие и на неа да се поттикнува, посебно за време на литургиското време на Великиот пост.


Од наведеното многу јасно се гледа дека постот претставува важна испосничка пракса, духовно оружје за борба против неуредната поврзаност на самите себе. Доброволно да се откаже од уживање на храна и други материјални добра помага на Христовите ученици да ги совладаат барањата на природата која е ослабена со првиот грев, со чиј што негативни последици е погодена целата личност. На тоа соодветно опоменува древната литургиска химна за Великиот пост: "Utamur ergo parcius, / verbis, cibis, et potibus, / somno, iocis et arctius / perstemus in custodia – да бидеме поумерени во зборовите, храната и пиењето, сонот и игрите, а повеќе внимание да му посветиме на бдеењето.“


Драги браќа и сестри, постот, ако добро погледнеме, како крајна цел има да му помогне на секој од нас, како што пишуваше слугата Божји Иван Павле II од самите себе да направиме потполн дар за Бог (сп. Veritatis splendor, 21). Поради тоа секое семејство и секоја христијанска заедница нека ги препознае вредностите на Великиот пост како средство кое помага да се оддалечиме од сè она што нè доведува до растресеност на духот и поцврсто да се прегрне она што ја храни душата отворајќи се за љубовта кон Бог и ближниот. Тука посебно мислам на ревноста во молитва, во духовните читања (lectio divina), во пристапување на светата тајна на помирување и во активно учество во Евхаристијата, пред сè на неделната Литургија. Со таа внатрешна расположеност да влеземе во озрачјето на велигденските пости. Нека нè следи Блажена Дева Марија, причина за нашата радост (causa nostrae laetitiae) и нека нè поткрепува во настојувањето да го ослободиме своето срце од ропството на гревот, како тоа би станало сè повеќе „кивот на живиот Бог“. Со таа желба, додека ви ја гарантирам својата молитва, ова време на Великиот Пост биде плодоносно за секој верник и за секоја црковна заедница, од сè срце на сите ви го поделувам апостолскиот благослов.

Ватикан 11 декември 2008 година
Бенедикт. ПП XVI








All the contents on this site are copyrighted ©.